December 1, 2021 17:27
Македонија

Претставување на дигитална мониторинг платформа на УХМР

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска ќе ја претстави дигиталната мониторинг платформа за квалитетот на површинските води во Северна Македонија.

Податоците од мониторингот на УХМР се од исклучителна важност да се проценат промените што настануваат во реките поради човечките активности, особено со испуштањата на загадувачки материи. Целта на мониторингот е да обезбедува информации за статусот на водните тела, но и да дава податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита на водите.

На настанот ќе говорат претставници на УХМР за тековната состојба на површинските водни тела и за можните решенија за подобрување на квалитетот на водите и ќе бидат презентирани функциите на дигиталната мониторинг платформа.

Дигиталната платформа ќе овозможи да се подобри системот за собирање и трансфер на податоците од мониторингот на УХМР и ќе обезбеди слободен и едноставен пристап на јавноста и инспекциските служби до податоците од системот, без посебни барања и постапки.

Платформата е изработена во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ”, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.