April 21, 2021 01:55
Свет

Претседателот на Гана прв во светот прими вакцина од програмата Ковакс

Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо е првата личност во светот што ја прими вакцината против Ковид-19 од програмата Ковакс, светска иницијатива за помош на сиромашните земји во снабдувањето со вакцина.

Ковакс заеднички го покренаа Светската здравствена организација (СЗО) и Алијансата за вакцини (ГАВИ), со цел неразвиените земји и земјите во транзиција да можат да добијат вакцини. Тие немаат доволно можности да потпишат купопродажни договори со производителите на вакцини, па затоа се наоѓаат во многу понеповолна позиција.

Акуфо-Адо, 76-годишен претседател на гореспоменатата западноафриканска држава, во која минатата среда пристигна првата пратка вакцини од програмата Ковакс, ја прими првата доза на вакцината на „Астразенека“.

„Многу е важно да дадам пример и да покажам дека оваа вакцина е безбедна, така што секој во Гана може да одлучи да се вакцинира без страв“, рече шефот на државата.

Ковакс склучи договори со производители за две милијарди дози во 2021 година и можност за набавка на уште милијарда дози вакцина против Ковид-19, а механизмот за финансиска помош од програмата е достапен за 92 земји со ниски и средни приходи.