April 14, 2021 15:55
Македонија

Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк меѓу точките на 50. седница на Владата

Владата денеска ќе ја одржи редовната 50-та седница, на која на предлог на канцеларијата на премиерот ќе биде разгледан Извештајот за процесот на пилотирање на новиот модел за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете и младинец, базиран на Меѓународната класификација на функционирањето (МКФ), како светски стандард за класификација, одобрена од Светската здравствена организација во 2001 година.

Меѓу точките на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните, Владата на седницата ќе го разгледа и Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, Информацијата за состојбата со аерозагадувањето и потребата од продолжување на процесот на замена на нееколошки горива во јавните објекти во Република Северна Македонија поднесена од Министерството за животна средина и просторно планирање, а ќе биде разгледана и Предлог-програмата за рамномерен регионален развој за 2021 и 2022 година, предложена од Министерството за локална самоуправа.

За донесените одлуки и заклучоци од седницата која е предвидено да започне во 12:00 часот и ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена, наведуваат од владината прес-служба.