February 3, 2023 12:19
Економија Македонија

Предизвиците и можностите на дигитализацијата на платежните услуги – тема на првиот ден на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура

Предизвиците и можностите коишто ги носи глобалниот бран во користењето на дигиталните плаќања беа тема на вчерашната панел-дискусија, од  првиот ден од 14. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, којашто се одржува во организација на Народната банка на Република Северна Македонија, со поддршка од Централната банка на Холандија. 

Во плодната дискусија учествуваа Габриел Содерберг, финансиски експерт во Одделот за монетарни прашања и пазарот на капитал во Меѓународниот монетарен фонд, Игнасио Терол, менаџер на проектот за дигитално евро во Европската централна банка и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка на Република Северна Македонија, зборувајќи за брзите и удобни плаќања, коишто не ја загрозуваат безбедноста и се создадени според потребите на потрошувачите, како императив на дигитализацијата на  плаќањата. Присутните имаа можност да го слушнат излагањето на тема „Вклучување на меѓународната димензија во дизајнот на дигиталната валута на централната банка” на Анеке Косе од Банката за меѓународни порамнувања, како и на Рија Роерник од Банката на Холандија, која се осврна на темата „Дигитално евро: што, зошто и како?” 

Учесниците нагласија дека сè поголемата застапеност на новите технологии за плаќања ја потврдува важноста од вклучувањето на централните банки во носењето политики за забрзување на процесот на дигитализација. Во тој контекст, во процесот на дигитализацијата на платежните услуги е значајна довербата којашто ја има јавноста во централните банки во однос на одржувањето на ценовната стабилност како нивна основна цел. Потребно е при воведувањето на новитетите од технолошкиот развој, централните банки да ги земат предвид потенцијалните ризици, за кои се неопходни соодветни издржани решенија. Потпирајќи се безрезервно на дигиталните канали за плаќање, се наметнува и потребата од воспоставување алатки коишто потрошувачите ќе може да ги користат безбедно, брзо и удобно. Сето ова треба да е достапно за потрошувачите и со минимални трошоци. За учесниците, од големо значење е обезбедувањето и на конкурентноста во платежните услуги, што е основа за натамошен развој и поттикнување на дигитализацијата. 

Учесниците дебатираа и за воведувањето на дигиталната валута на централните банки како  можност да се прифати предизвикот на глобализацијата и дигитализацијата. Притоа укажаа дека со дигиталната валута, централните банки ќе овозможат стабилност и доверба во платните системи, воедно обезбедувајќи добар баланс, од една страна со зајакнување на ефикасноста, брзината и цената, од друга страна со намалување на ризиците коишто ги носи дигитализацијата.  

Во дискусиите беше опфатено и влијанието на дигитализацијата врз прекуграничните плаќања. Беше посочено дека е потребна засилена меѓународна соработка на централните банки за постигнување повисоко ниво на интероперабилност и воедначеност на националните правни рамки коишто ќе обезбедат сигурност и брзина. 

Четиринаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура продолжува утре, како платформа на која ќе се споделат искуства и видувања за трендовите и предизвиците за безбедноста на дигиталниот простор и за отвореното банкарство и засилената автентикација во ерата на дигитална трансформација.