February 2, 2023 22:30
Балкан

Предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 2 април, најави Радев

Претседателот Румен Радев следните вонредни парламентарни избори ги закажа за 2 април.

„Ќе донесам Указ со кој на 3 февруари ќе го распуштам Народното собрание, а на 2 април ќе закажам парламентарни избори“, рече Радев.

Тој се надева дека преостанатото време ќе го искористат народните избраници во Народното собрание и дека ќе докажат дека борбата против корупцијата и евроинтеграциите се вистински приоритет, а не само предизборни ветувања.

Радев изрази надеж дека до 3 февруари пратениците ќе ги усвојат законите потребни за да се обезбеди ефективно искористување на средствата за помош на Европската унија.

Шефот на државата посочи дека во моментов не може да одговори дали ќе има промени во официјалниот кабинет.

Претходно денеска „БСП за Бугарија“ на претседателот му го врати неисполнетиот трет мандат за формирање влада. Радев потоа одржа средба со раководството на Централната изборна комисија (ЦИК). Организирањето на претстојните парламентарни избори мора да гарантира правичност и транспарентност на гласот и правата на граѓаните, истакна претседателот на средбата. Пред пратениците во Собранието, претседателката на ЦИК Камелија Неикова рече дека ЦИК е подготвена да организира и одржи избори на 2 април.

Најавените избори ќе бидат петти по ред парламентарни избори во рок од две години, бидејќи по последните избори ниту една пратеничка листа не успеа да формира влада.

Бугарскиот претседател претходно изјави дека повторно ќе го именува актуелниот привремен премиер Галаб Донев да ја води земјата до формирањето на новата влада по предвремените избори.