February 3, 2023 20:06
Македонија

Прв ден комисиска амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2023 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја почна амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023 година во рамките на која треба да разгледа вкупно 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на досегашната расправа не беше прифатен амандманот поднесен од опозицијата со кој се бараше намалување на данок на додадена вредност (ДДВ) од 18 на 5 проценти за производите за менструално здравје.

Како што истакна пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, како еден од предлагачите, овој амандман засега преку 400 илјади девојчиња и жени во земјава кои во услови на криза треба да одвојуваат значајни средства за одржување на менструалното здравје. Доколку се прифати амандманот, според неа, тоа ќе значи 50 милиони денари или 211 илјади евра помалку во Буџетот.

Во реплика заменик-министерот за финанси Филип Николоски рече дека намалување на ДДВ не се прави преку амандман, туку преку законско решение на што Ласовска во контрареплика му порача дека знае оти тоа не се решава со амандман, но додаде дека не верува дека ќе биде предложено законско решение за намалување на ДДВ за производите за менструално здравје.

Таа истакна дека во Европа не само што се намалува данокот на ваквите производи од 18 на 5 проценти, туку има и земји каде оданочувањето е нула. Ласовска рече дека има консензус кај сите членки во Клубот на пратенички да се изгласа вакво решение и побара пауза за да се усогласат ставовите. Но, и по паузата ставовите со Владата не беа усогласени, по што се пристапи кон гласање, при што шест пратеници беа за предлогот за намалување на ДДВ, а осум против.

Во моментов се разгледува амандманот за одложување на примената на прогресивното оданочување, исто така поднесен од претенциите од опозицијата. Членовите на Комисијата се на редовна едночасовна пауза по што треба да продолжи расправата за амандманот.

Во понеделникот Комисијата заврши со општата расправа по Предлог-буџетот во текот на која парламентарното мнозинство порача дека проектираните буџетски ставки ќе овозможат економско заздравување и справување со последиците од енергетската криза, а опозицијата, пак, смета дека станува збор за историски највисок, инфлаторен и расипнички буџет.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.