December 5, 2022 08:09
Македонија

Прв академски час на факултетите на УКИМ, почнува студиската 2022/2023 година

На факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје денеска ќе бидат организирани први академски часови за симболично означување на почетокот на  студиската 2022/2023 година и добредојде на новата генерација студенти.

Првиот академски час на УКИМ беше одбележан во саботата на Машинскиот факултет и, по пауза од две години поради КОВИД-пандемијата, се одржа со физичко присуство.

Бруцошите ги поздрави ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, со порака дека е чест, но и голема обврска да се студира на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава.

– Затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој. Работете вредно, посветете им се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори, соработувајте и меѓусебно, посветете се на вашата утрешнина, истакна Јанкуловски.

Според најавата на УКИМ, ректорот денеска, по повод првиот академски час, ќе ги посети Медицинскиот факултет (8.30 часот), Филолошкиот (11:00), Економскиот (12:00) и Архитектонскиот факултет (13:30).

Формиран во 1949 година со три факултети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”-Скопје денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки.

Со Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет беа  слободни 10 918 места: 5306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра беа наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти.