April 15, 2021 10:36
Спорт

Прво соочување на Аталанта и Реал Мадрид

Со вечерашните (21 ч.) два дуели Аталанта – Реал Мадрид и Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити ќе биде комплетирана првата рунда од елитното клупско натпреварување фудбалската Лига на шампионите. Бундеслигашот Борусија Менхенгладбах поради здравствено-безбедносните протоколи во борбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот домаќин на лидерот во англиската премиерлигашка конкуренција ќе му биде на неутрален терен во Будимпешта. Инталјанскиот калчолигаш Аталанта ќе го дочека најтрофејниот тим со европски шампионски титули Реал Мадрид во Бергамо на стадионот „Гевис“ без присуство на гледачи. Оваа меѓусебна пресметка на Аталанта и Реал Мадрид ќе биде прво соочување на двата клуба.

Големиот фаворит Реал Мадрид во Бергамо ќе настапи без поголем број на првотимци поради повреди. Ќе отсуствуваат Серхио Рамос, Марселу, Дани Карвахал, Еден Азар, Едер Милитау, Родригу, а последен на листата се стави и Карим Бензема.Тоа е дополнителниот проблем на трофејниот тренер Зинедин Зидан, покрај податокот дека забревтаната Аталанта е сериозен и незгоден ривал кој не признава фаворити.

-Знаеме каков натпревар нѐ чека. Аталанта е премногу офанзивен тим, сличен на оној на Ајакс од пред некоја година. Имаат одлични индивидуалци, солидни се, па очекувам да биде еден прекрасен фудбалски натпревар, вели Зидан.

За разлика од „кралевите“ тренерот на Аталанта, Џанпјеро Гасперини се произнесе дека ќе играат слободно и без притисок, бидејќи сите ги вбројуваат како аутсајдери. Аталанта ќе го дочека Реал по три победи, двапати против Наполи и еден со Каљари. Искусниот италијански стручњак за разлика од Зидан нема поголеми кадровски проблеми, надвор од стројот е само холандскиот фудбалер Ханс Хатебур.

Реал секоја година е меѓу потесните кандидати за титулата. Клубот е апсолутен рекордер по бројот на освоени титули во Лигата на шампиони, вкупно 13, а последната му е од сезоната 2017/18.

-Го имаме потребното искуство и нашите надежи се дека ќе стигнеме до финалето. Имаме секаква намера тоа да го оствариме, тоа е она кон кое цели Реал Мадрид. Излегуваме на терен за да победиме. Има и реванш, но сега мислиме на овој натпревар, додава Зидан.

Реал го дочекува овој натпревар по една мини-победничка серија од 4 натпревари.