June 18, 2019 17:55
Фудбал

Прволигашките и второлигашките клубови се кренаа против ФФМ

Прволигашките и второлигашките клубови се кренаа против ФФМ

Една половина од прволигашките и второлигашките клубови во Македонија се кренаа против Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со иницијатива да се смени актуелниот Статут на најмоќната организација, со цел клубовите да добијат поголеми права и да имаат членови во Собранието на ФФМ.

Клубовите се кренаа против ФФМ поради игнорантскиот однос од куќата на фудбалот чие раководство одамна ги има исклучено клубовите, па прволигашите и второлигашите побараа нивно влегување во Собранието според актуелниот Закон за спорт, кој предвидува 50+1 делегат од клубовите во највисокото тело на ФФМ

„Сведоци сме во последниот период на големо негодување од сите фудбалски чинители, вклучително и од државниот орган АМС, откако е донесена второстепена пресуда дека Статутот на ФФМ не е во согласност со Законот за спорт. Законот за спорт јасно става до знаење дека треба да има директно вклучување на клубовите од Прва и Втора лига во Собранието“, рече Игор Климпер, еден од претставниците на иницијативниот одбор на денешната прес-конференција.

Во иницијативата за промена на Статутот се приклучија Победа, Брегалница, Работнички, Беласица, Пелистер, Академија Пандев, Детонит јуниор, Кожув, Тиквеш, Плачковица, Каменица Саса, Вардар Неготино, Скопје, Партизан Обршани и Борец.

„Клубовите се тие кои инвестираат и сакаат да бидат директни чинители во Собранието и тие да решаваат. Не станува збор за некаков бојкот, туку иницијатива која сите клубови ја поддржуваат, а тоа е законите во државата да важат подеднакво за сите – како за клубовите, така и за федерациите. Статутот на ФФМ не е во согласност со Законот, зашто клубовите треба да бидат директни чинители. Сите клубови се согласни да се придржуваат сите федерации кон законот“, вели Миле Спиркоски, како претставник на клубовите.

Претставниците на иницијативниот одбор бараат со оваа иницијатива да се покренат институциите за да се почитува законот и според тоа ФФМ е должна во законски рок да организира Собрание за статутарни промени со цел да се усогласи актуелниот статут со Законот за спорт.

„Согласно законот, 50+1 делегат мора да бидат од клубовите од Прва и Втора лига. Иницијативниот одбор е да се спроведе Законот за спорт. Има најава дека постои второстепена одлука, за ФФМ согласно законот да овозможи на клубовите да влезат во Собранието. Ние поднесовме барање до АМС, ама оваа иницијатива која е настрана од постапката што АМС си ја води за последното Собрание. Ова е иницијатива на незадоволни клубови. Повеќе од десет години има клубови кои не биле во Собранието на ФФМ и ние очекуваме да бидеме застапени. Сега не е прашање колку делегати ќе имаме, тоа со законот не е дефинирано, туку ние сакаме како клубови да бидеме застапени. Значи ако има 100 делегати, 51 делегат од клубовите. Ние сакаме да направиме Статут со кој ќе бидеме рамноправни“, додава Спиркоски.

Нови вести

„Лукаку треба да го напушти Јунајтед“

24info

Марадона удри по Меси и компанија: Што е дресот? Оваа Аргентина може да изгуби…

24info

Тотална чистка во Барселона: Речиси цела постава оди на продажба

24info