Првиот мјузикл во НУ Театар „Kомедија“ – „Боливуд“, во режија на Наташа Поплавска, вечерва (29 ноември 2021 г.) гостува на 17. издание на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора.
Мјузиклот „Боливуд” премиерно беше изведен во ноември 2019 г. во Театар Комедија и по непредвидената пауза заради пандемијата, „Боливуд” месецов се врати на сцената на Театар „Комедија“ каде што редовно се игра.
Во претставата играат актерите на Театар „Комедија“: Жаклина Стефковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски.
Автор на текстот е Маја Пелевиќ, музиката е на Огнен Анастасовски, кореографијата и костимографијата е на Наташа Поплавска, сценографијата и видеоанимацијата на Емил Петров, а светлодизајнот
на Милчо Александров. Преводот на текстот и препевот на сонговите го направија Наташа Илијевска и Наташа Поплавска.