November 30, 2020 03:14
Култура

Прва награда за краткиот филм во развој „Скакулци” на „European Short Pitch”

Краткиот филм во развој „Скакулци”  на младиот филмски автор Ханис Багашов ја доби првата награда на „European Short Pitch” која ја доделува Регионот Бретања, соопшти ОХО Продукција.

„European Short Pitch” е паневропска иницијатива на Ниси Маса за поддршка на млади таленти во областа на краткиот филм, во чии рамки оваа година е и „Скакулци”, во копродукција на ОХО Продукција и La Belle Affaire Productions од Франција.

„Скакулци” е приказна за забранета љубов, отуѓеност и разбирање, која се одвива во текот на еден ден во магливо поле полно со скакулци.  – Копнежот на еден човек е како вода која се пробива низ камења, вели Багашов, авторот на филмскиот проект кој  е во развој повеќе од една година.

Копродуценти се Илија Тирицовски – OXO Продукција и Жером Блесон  – La
Belle Affaire Productions, од каде проектот има поддршка и помош во подготовката за „European Short Pitch”. Избран е од Форумот на копродукција, кој се одржа од 12 до 15 ноември во партнерство со Европскиот фестивал на краток филм „Брест”, откако претходно беше селектиран меѓу 12 најдобри од повеќе од 60 пријавени проекти на Ниси Маса.

– Оваа награда претставува голем поттик и мотив и во следниот период продукциите ќе работат на обезбедување средства за продукција, првично од филмските фондови од матичните земји, соопшти ОХО Продукција.