September 30, 2022 23:04
Македонија

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа презентацијата на новите оклопни возила на АРМ

Пратеници членови на Комисијата во Собранието за одбрана и безбедност од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска не се појавија на промоцијата на новите оклопни возила на АРМ која се одржа во касарната во Штип.

Иако поканети како дел од делегацијата на Собранието, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои е и поранешниот полковник а сега пратеник Драган Ковачки, сепак го бојкотирале овој настан.

Осуда за ваквото однесување на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стигна од владејачката СДСМ.

„Можеа Ковачки и пратениците да дојдат барем да им честитаат на припадниците на вториот баталјон од Првата пешадиска бригада на Армијата за успешно изведената вежба. Но, тие го избраа Мицкоски наместо војниците како и многу пати досега.“ се наведува во соопштението на СДСМ.

На денешната показна вежба во штипската касарна, беа претставени првите шест нови лесни оклопни транспортери „ JLTV Oshkosh“ од американско производство кои пристигнаа во јули годинава, додека во следниот период се очекува да биде испорачана и нова пратка од 27 возила од овој тип.