August 19, 2022 12:17
Македонија

Пратениците од власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за Комисијата за европски прашања

Пратениците од власта и опозицијата синоќа излегоа со меѓусебни обвинувања за инцидентот на собраниската Комисија за европски прашања, а преку соопштение својот став го соопшти и претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Кабинетот на Џафери соопшти дека била свикана итна координација на која биле поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието, но, според соопштението од неговиот Кабинет, присуствувале само координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Не присуствувале претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците.

Џафери, како што се посочува, ја свика координацијата откако членовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по цели два часа со процедурални забелешки се спротивставија да се изгласа дневниот ред на Комисијата за европски прашања, кој сепак беше изгласан.

-На координацијата беше донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската Унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието, се посочува во соопштението.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите од Собранието обвини дека Комисијата за европски прашања чиј претседател е Арбр  Адеми од ДУИ се претворила во „комисија за Див Запад” и оти не се почитуваат ниту Деловникот, ниту пратениците, ниту јавноста

-Денешниот тек на седницата ескалираше во моментот кога претседателот на комисијата им оневозможи на пратениците Илми Азири, Халил Снопче, Дафина Стојаноска, мене, пратеникот Бране Петрушевски од Куманово и други, да го искористиме нашето деловничко право да предложиме пред да биде усвоен, измени и дополнувања на Дневниот ред. Ние имавме конкретен материјал и измените и дополнувањата сакавме да ги предложиме во насока на анализа на заклучоците од Брисел коишто се однесуваа на Македонија и се уште се актуелни, изјави Милошоски.

Според него, на седницата на Комисијата се направила голема тензија кога Адеми почнал „освен со вербални напади да фрла и со тврди предмети кон пратениците, да крши дел од собранискиот инвентар и да употребува разни вулгарности” кон пратениците.