April 15, 2021 09:25
Македонија

Пратениците дискутираат за дополнувањата на Законот за финасирање на единиците на локалната самоуправа

По речиси еден час доцнење, Собранието денеска ја продолжи 21. седница, на чиј дневен ред се Предлог-законот за дополнување на Законот за финасирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување на Законот на поштенски услуги во прво читање и Предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, во прво читање, поднесен од група пратеници.

Во процедурална забелешка коорднинаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски констатира дека владиното мнозинство се уште има проблеми во своите редови. Тоа, како што рече, можеме да го видиме и од 50-тината присутни пратеници од страна на владејачкото мнозинство.

Според него, денешното закажување продолженија на четири седници е да и се покаже на јавноста дека Собранието работи, а во суштина, како што рече, имаме по една до две точки кои исполнуваат услови за работа на денешната пленарна седница.

– Очигледно проблемите во владиното мнозинство се уште не се надминати. Доколку беше обратно очекував дека денеска ќе закажевте продолжение на 34 седница, која имавме обид да ја почнеме на 16 февруари 2021 година, на која на дневен ред има повеќе од 70 точки, рече Мицевски.

Тој се осврна на барањето на тутунарите и посочи дека како опозиција поднеле Закон за тутун. Мицевски потсети дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побарала Законот за тутун да се одржи на посебна седница. Со ова законско решение, како што рече, можеме сите заедно да излеземе во пресрет на тутунарите, кои „мака мачат со годинашниот откуп и реколтата”.

Мицевски рече дека откупните центри во државата се затворени, официјално откупот е завршен, а неоткупени останаа повеќе од два милиони килограми тутун. Тој предложи да се закаже нова седница со една единствена точка на дневен ред – Законот за тутун, со што, како што рече, ќе се овозможи откупот да продолжи до 31 март, за да може „да се реши овој горлив проблем на една голема група граѓани, земјоделци”.

Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека 21 седницата со негова одлука е свикана на 06.11.2020 година. Тој појасни дека се уште во одредени комисии не се разгледани сите точки, а според Деловникот има рокови за колку време точките од дневниот ред на седница треба да се разгледувани во одредени комисии. Џафери рече дека ова се однесува и за преостанатите три седници.

– Овој период што немаше пленарни седници оставив можност комисиите да можат да работат и нивните обврски да ги завршат во потребните рокови, рече Џафери.

Во моментов пратениците дебатираат за Предлог-законот за дополнување на Законот за финасирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка. Џафери информира дека за дискусија по оваа точка се пријавени 15 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски информира дека сите пратениците доаѓаат од различни општини и дека имаат потреба да кажат одредени позитивни работи или аномалии во однос на работењето на локалните самоуправи. Според него, состојбата во секоја општина е „катастрафална и може да се дискутира и да се запознае јавноста”.

Во Собранието по скоро еден месец денеска треба да се одржат продолженија на 21, 22, 25 и 26 седница. Закажувањето на продолженијата на пленарните седници доаѓа по вчерашната координативната средба на првите луѓе на пратеничките групи и потпретседателите со собранискиот претседател Талат Џафери. На средбата присуствуваше заменик-координаторот на ДУИ Арбер Адеми. Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби веќе подолго време, не присуствуваа на состанокот, но имаат неформална комуникација со Џафери за работата и активностите на Собранието.