September 26, 2022 02:15
Балкан

Пратениците го обвинија Ѓукановиќ дека прави државен удар

Мнозинство пратеници во црногорското Собрание писмено го информираа претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, дека е постигнат политички договор Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на нова влада, ден по истекувањето на предвидениот рок.

Заедно со писмото до Ѓукановиќ се доставени и потписи на 41 од вкупно 81 пратеници во црногорскиот Парламент.

Лидерот и пратеник на Нова српска демократија (Нова) Андрија Мандиќ изјави дека претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ „денес се обидел со државен удар“, но дека му порачуваат да го повлече предлогот за скратување на мандатот на Собранието.

-Последниот удар врз парламентарното мнозинство, врз Собранието, врз изборната волја денеска беше запрен со потписи на 41 пратеник. Ве повикуваме веднаш да го повлечете барањето за одржување седница на Парламентот на Црна Гора на 30 септември со дневен ред – предлог одлука за скратување на мандатот на Собранието, бидејќи е беспредметно, имајќи го предвид фактот, кој добро знаете дека Миодраг Лекиќ има поддршка од 41 пратеник да добие мандат и да ја формира 44-та Влада на Црна Гора“, се наведува во писмото што до Ѓукановиќ го испрати претседателот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ.

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ не го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада. Тој денеска до Парламентот достави предлогот за скратување на пратеничкиот мандат на актуелниот собраниски состав, што е чекор кон одржување вонредни парламентарни избори.

Ѓукановиќ во своето образложение појасни дека не му биле доставени сите потписи на пратениците, дека дел од нив не дошле на закажаните консултации, како и оти не добил впечаток дека има јасно мнозинство што ќе може да формира влада која би понудила решенија за актуелните проблеми во државата на економски, правен, институционален и политички план.