April 15, 2021 10:17
Свет

По САД и Јапонија се жали на кинеските методи на тестирање: Ова е понижувачки

Јапонија побара од Кина да престане да користи тестирање на Ковид-19 со употреба на анален брис. Токио тврди дека нивните граѓани се особено изложени на тој метод кога ќе влезат во соседната земја. Некои се жалат дека постапката им предизвикала „психолошка болка“, велат јапонските власти, а пренесува „Би-би-си“.

Главниот секретар на Кабинетот, Кацунобу Като рече дека владата ќе продолжи да бара Кина да ги иззема нејзините граѓани од таков метод на тестирање кој се користи за некои од оние во карантин или кои влегуваат во Кина, истакнувајќи дека тоа не е потврдено на ниедно друго место во светот, пренесува јапонската агенција „Кјодо“.

Кина започна да го користи моделот на анално тестирање во јануари годинава. САД први јавно се пожалија на ваквиот третман и тоа не само на граѓаните, туку дури и на американските дипломати.

Јапонската страна отворено изјавува дека тоа е првенствено обид за понижување на жителите на одредени земји. Не е познато колку жители (или можеби дури и жителки) на Јапонија биле изложени на овој понижувачки третман.

Ванг Венбин, еден од портпаролите на кинеското Министерство за надворешни работи, изјави во понеделникот, по објавувањето на веста за агенцијата Кјодо, дека Кина ги прилагодила антиепидемиските мерки во согласност со научните достигнувања и релевантните закони и регулативи.

Анални брисови (туркање стапчиња со памучен врв од 3 до 5 сантиметри во задникот) почнаа да се користат во некои кинески градови каде локални експерти тврдат дека можат да ја зголемат стапката на откривање на заразените. Повеќемина од научната заедница сметаат дека тоа не е точно.