April 23, 2019 00:46
Скопје

По „Орце Николов“, во планот на Општина Центар за 2019, реконструкција на повеќе од 15 улици

Во текот на оваа година, планот на Општина Центар предвидува реконструкција на повеќе од 15 улици на територијата на општината, кои освен нови и подобрени сообраќајни концепти, предвидуваат и нови и подобрени инфраструктурни решенија.

Согласно планот, годинава со реконструкција ќе бидат опфатени улиците: „Новопроектирана улица 2” крак на улицата „Васил Ѓоргов“ во населбата Капиштец, улиците „59” „Петричка” и „Велешка“ во населбата Маџир Маало, улицата „Рилски Конгрес” локалитет Тасино Чешмиче, улицата „Новопроектирана 2“ крак на улицата „Железничка“, „Станбена улица 3“, „Станбена улица 2“ и „Пешачка улица 102а“, улицата „Мирче Оровчанец“ во Буњаковец и улиците „Ганчо Хаџипанзов“ и „Караорман“ во населбата Долно Водно.

Поединечните планови за реконструкцијата на секоја од споменатите улици опфаќаат изградба на коловоз, тротоари, водоводна, фекална, атмосферска и топлификациона мрежа, во зависност од конкретните потреби.

На крајот на минатата година, Општина Центар целосно ја заврши реконструкцијата на улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ во населбата Маџир Маало каде беа асфалтирани 2.700 метри коловоз, а реконструирани се и тротоарите со ширина од 2.5 метри и поставени се нови рабници.

Минатата недела, Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ заедно со Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го претстави новиот капитален проект за реконструкција на улицата „Орце Николов“ со кој ќе бидат подобрени инфраструктурните и безбедносните аспекти на една од најфрекфентните улици во централното градско подрачје.  Новото решение предвидува ослободување на тротоарите од возила и намалување на коловозната лента на шест метри, во интерес на изведба на нови велосипедски патеки во должина од 2.400 м, како и нови пешачки патеки во должина од 2.200 метри, поставување на подигнати премини и монтажен кружен тек, а по завршување на градежните работи, ќе бидат асфалтирани 9.330 метри од коловозот, долж целата улица и ќе бидат изведени т.н. џепови за паркирање.

Нови 1.440 метри џепови за паркирање ќе бидат изведени и на улиците „Антонио Грубишиќ“, „Дебарца“, „Наум Наумовски-Борче“, „Коле Неделковски“  и дел од улицата „Ленинова“ , со што ќе се обезбеди паркинг за жителите на истоимените улици.

Во моментов течат активностите за санација на постоечкиот водовод на улиците: 364,365, 369, и 377 на локалитет Дуќанџик (Кале), кои се предвидени да завршат наредниот месец, како и целосната реконструкција на улицата „Димитар Пандилов“ во населбата Долно Водно каде се поставува комплетно нов водовод, атмосферска и фекална канализација, нов асфалт, тротоари и рабници. И на оваа улица, активностите е предвидено да завршат во текот на наредниот месец.

Дополнително Општина Центар планира и реконструкција на паркингот позади Палома Бјанка која ќе опфати комплетна замена на оштетениот асфалт, а по што ќе следи и воведување нов ред во паркирањете,  со цел да се реши моменталниот проблем со досегашното несоодветно паркирање.

Нови вести

Градоначалникот Филип Темелковски на сите верници им го честита Велигден

Filip

Водовод извршил редок тип на интервенција: Санирале дефект без да ги поместат пругите

Igor

Промоција на првиот интерактивен водич за Скопје „Здраво Скопје“

Igor