November 25, 2020 08:39
Свет

По изборната победа на боливиските социјалисти, Моралес вети дека ќе се врати во земјата

Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес, кој е во егзил,  ја објави намерата да се врати во Боливија откако неговиот социјалистички сојузник Луис Арсе обезбеди одлучна победа на претседателските избори во земјата, пренесува РТ.

Говорејќи на прес-конференција во Буенос Аирес, Аргентина, во понеделникот, Моралес рече дека ќе биде среќен да се врати во својата матична земја.

„Порано или подоцна ќе се вратам во Боливија, тоа е сигурно“, рече Моралес, без да даде временска рамка за своето потенцијално враќање.

Најавата следи по претседателските избори во Боливија во неделата. Иако конечните резултати сè уште не се објавени, неофицијалното брзо пребројување покажа дека кандидатот на Движењето за социјализам (МАС), Луис Арсе, освоил околу 52 отсто од гласовите. Неговиот најблизок конкурент, кандидатот од центристичката коалиција „Комунидад Сјудадана“, Карлос Меса, освоил само 31 отсто од гласовите.

Разликата укажува дека Арсе ја обезбедил претседателската функција без потреба од втор круг на изборите бидејќи освоил повеќе од 40 отсто од гласовите и го победил најблискиот ривал со разлика од над 10 отсто. Меса веќе го прифати својот пораз, велејќи дека тој и неговата коалиција веруваат во демократија.

Боливија преживеа повеќе од една година политички превирања откако претходните претседателски избори беа проследени со обвинувања за грубо фалсификување. Скандалот доведе до пад на Моралес, кој беше принуден да си даде оставка поради масовните протести и притисоците од највисокиот ешалон на боливиската војска.

Потоа десничарските политичари дојдоа на власт во земјата. Ова, сепак, не ги намали тензиите во земјата, а масовните протести – сега предводени од приврзаниците на Моралес, продолжија да ја тресат Боливија.