December 9, 2022 14:14
Спорт

Почина претседателот на Сојузот на спортови на Скопје Ѓорѓи Кузмановски

Претседателот на Сојузот на спортови на Скопје и основачот на триатлонот во Македонија, Ѓорѓи Кузмановски почина денес на 80 годишна возраст. Кузмановски беше роден на 15 јануари 1942 година. Уште од најмала возраст тој се вљубува во спортот, прво започнал со тренирање на ракомет во Пелистер Битола, паралелно тренира и фудбал, сè додека не го открие велосипедизмот и тоа да стане примарна цел во неговиот живот.

Неговата љубов кон велосипедизмот и мотоциклизмот ја негува низ целиот живот и желбата да го пренесе неговото знаење за овие спортови во Македонија е од големо значење. Како страствен велосипедист напишал и публикувал три книги посветени на велосипедизмот кои станале драгоцен прирачник за сите кои се занимаваат со овој спорт. Од Велосипедскиот сојуз на Македонија го доби признанието за најдобар спортски работник на 20 век. Како дел од репрезентацијата на мотоциклисти настапувал на девет Европски Мото Рели натпреварувања. Секоја година беше препознатлив симбол за 8-ми Септември, кога со велосипед поминуваше над 100 километри на различни делници низ Македонија.

Тој низ неговата богата кариера беше дел од повеќе институции во Македонија и поранешната Југославија, како стручен секретар на сојузот за физичка култура на Македонија и раководител на стручната служба, претседател на Велосипедскиот сојуз на Југославија, тренер на југословенската А репрезентација во велосипедизам, основач на триатлонот во Македонија, иницијатор за обнова на Скопскиот маратон, претседател и основач на триатлон клубот „Софка”, прво генерален секретар, а потоа и претседател на Сојузот на спортови на Скопје, која ја извршуваше сè до неговата смрт. Беше активен член во боксерскиот и велосипедскиот сојуз на Македонија.

Зад себе остави семејство кое чекори по неговите стапки, а тоа е љубовта кон спортот и зачувување на неговото дело во светот на спортот во Македонија. Во негова чест Македонскиот Олимписки Комитет ќе одржи комеморација утре во конференциската сала на СЦ „Јане Сандански” во 13 часот.
Погребот ќе биде во среда на градските гробиштата Бутел, во капела од 12 часот.