November 25, 2020 03:20
Свет

Починал волонтер што учествувал во тестовите за вакцина против Ковид-19

Бразилската здравствена агенција „Анвиса“ потврди дека починал волонтер што учествувал во испитувања на вакцина против Ковид-19, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Станува збор за истражување за вакцината произведена од „Астра зенека“ и Универзитетот Оксфорд.

Универзитетот во Сао Пауло, кој помага да се координираат клиничките испитувања во третата фаза во Бразил, соопшти дека се работи за бразилски државјанин.

Во меѓувреме, Оксфорд објави дека независно тело потврдило оти инцидентот не е несакан ефект од вакцината и дека испитувањето ќе продолжи.

„По внимателна анализа на овој случај во Бразил, нема причина за загриженост за безбедноста на клиничкото испитување и независно тело како и бразилските власти советуваа да се продолжи со тестирањето“, соопштил портпаролот на Универзитетот.

Бразилската влада планира да ја купи британската вакцина и да ја произведува во биомедицинскиот центар „ФиоКруз“ во Рио де Жанеиро, а вакцината од ривалската кинеска компанија „Синовак“ веќе се тестира во институтот „Бутантан“ во Сао Пауло.