August 13, 2022 21:30
Македонија

Потврдена затворската казна за Груевски за „Шамари во Центар“

Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичен суд Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, во кој првообвинетиот Никола Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите беа осудени на условни казни, односно алтернативни мерки. Воедно, скопска Апелација предметот „Тарифа” го врати на повторно судење.

-Второстепениот суд постапувајќи по жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда – К. Бр. 1904/16, од обвинителството означен како „Насилство во О.Центар”, од 29.09.2020 година, ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Кривичниот суд се потврдува. Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: Н.Г. , затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека М.Ј., А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка – Условна осуда, велат од Основен кривичен суд Скопје.

Обвинителката Фатиме Фатаи на последното рочиште од обвинение ги ослободи Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски, а на обвинителна клупа останаа само Александар Трајковски, Миле Јанакиевски и Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија.

За Јанакиески судот одреди алтернативна условна казна од 1 година затвор, која нема да се изврши ако во рок од 4 години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Александар Трајковски, Дарко Стојчевски и Трајче Петковски, добија по девет месеци условна казна затвор која нема да се изврши ако во рок од 3 години од прависилноста не сторат ново кривично дело. Игор Бошковски и Даниел Трифуновски се осудени на условна казна од 6 месеци која нема да се изврши ако во рок од две години не сторат ново кривично дело.

Претходно за случајот вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски

Обвинетите во „Насилство во Центар“, се товарат за поттикнување насилство за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.