April 21, 2021 01:45
Свет

Поранешниот шеф на ИСИЛ во Германија доби десет ипол години затвор

Судот во Селе, во германската сојузна покраина Долна Саксонија, денеска го осуди проповедникот Абдуалазиз Абдулах А., попознат како Абу Вала, за кого се сметаше дека е главен претставник на терористичката Исламска држава во Германија.

Тој доби десет и пол години затвор за припадност на ИСИЛ и помагање при подготовка на тешки злосторства против германскиот уставен поредок.

„Абу Вала дејствуваше како претставник на Исламската држава во Германија, влијаејќи врз радикализацијата на многу млади луѓе и финансиски им помагаше да одат да војуваат во редовите на Исламската држава во Сирија и Ирак“, рече претседателот на Судскиот совет, Френк Расенов.

Контакти со Абу Вала имал Анис Амри, кој го изврши терористичкиот напад на Божиќниот саем во Берлин во 2016 година.