April 21, 2019 09:00
Свет

Поранешен функционер на партијата на Макрон е под истрага за договор со руски олигарх

Француското национално финансиско обвинителство започна истрага за договор за безбедносни активности, потпишан меѓу фирмата на поранешен функционер на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон и руски олигарх.

Договорот бил парафиран од Винсент Краз, поранешен полициски службеник, кој работел за партијата на Макрон и француското претседателство. Краз беше вмешан, заедно со поранешниот соработник на Макрон Александар Бенала, во насилство против демонстрантите минатата година.

Истрагата на финансиското обвинителство е за корупција, пишуваат француски медиуми. Според нив, зделката била „договорена” од Бенала во времето кога тој бил во Елисејската палата. Договорот бил потпишан меѓу Марс, фирмата на Винсент Краз и рускиот олигарх Искандер Махмудов. Русинот му платил на Краз 294 илјади евра на 28 јули минатата година. Како подизведувач во договорот се јавува Велур, поранешен работодавец на Бенала. Зделката предвидувала заштита на недвижен имот во Франција на олигархот и неговото семејство во Монако.

Махмудов, исто така, има проблеми и со шпанското правосудство, кое тврди дека тој е дел од руската криминална организација Исмаиловскаја. Махмудов е шеф на Уралска рударско-металуршка компанија. 

Според француски медиуми, дискусиите за договорот почнале уште во текот на зимата на 2017 година, а се забрзале во јуни 2018 година. Поранешниот соработник на Макрон на неколку пати се сретнал со претставник на рускиот олигарх во Франција. Тој претставник бил бизнисменот Жан-Луј Агнауер.

На 21 јануари Краз изјави во францускиот Сенат дека работел со рускиот олигарх дури откако го напуштил претседателството и без помош на Бенала, обвинет како него за насилството на 1 мај над демонстранти.

Нови вести

Поглед во внатрешноста на аеродромот во Сингапур- домот на највисокиот водопад во светот

Igor

Утре втор круг од претседателските избори во Украина

Igor

Уапсени 227 лица на протестите на ,,Жолтите елеци” во Париз

Igor