October 29, 2020 00:46
Балкан

Помпео синоќа стигна во куќата на Мицотакис на Крит, на протест во Солун запалено американското знаме

Во воената база Суда на грчкиот остров Крит, државниот секретар на САД Мајк Помпео и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис денеска ќе одржат средба на која ќе разговараат за низа прашања поврзани со Источниот Медитеран, безбедноста, одбраната и сл.

Помпео и неговата сопруга, синоќа, кусо пред 21 часот, пристигнаа на Крит, поконкретно во куќата на Мицотакис, каде што и престојуваат, а беа пречекани од грчкиот премиер и неговата сопруга, јави дописничката на МИА од Атина.

-Топло добредојде, напиша Мицотакис на неговиот официјален „Инстаграм” профил, објавувајќи видеа од пречекот на Помпео.

Од балконот на неговата куќа со поглед кон Суда, грчкиот премиер и американскиот државен секретар доцна синоќа имаа кус разговор, додека пак официјалниот дел и средбите на двете делегации се закажани за денеска.

Ова не е првпат висок американски функционер да го посети домот на семејството Мицотакис.

Во 1991 година, тогашниот премиер Константинос Мицотакис, таткото на актуелниот грчки премиер, му беше домаќин на тогашниот претседател на САД Џорџ Буш.

Американскиот државен секретар, на Крит пристигна од Солун каде што имаше низа средби, а со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас го разгледаа Стратешкиот дијалог на високо ниво меѓу двете земји.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека посетата на Помпео, втора за една година, „ја одразува клучната улога што од една страна ја има Солун и како развоен центар на Балканот, а од друга страна Суда за геостратешките планови во Источниот Медитеран и на Блискиот Исток”, но и ги истакнува „обновените стратешки односи меѓу двете земји”.

Паралелно, во Солун и Атина се одржаа протести против посетата на американскиот државен секретар на Грција.

Демонстрантите во Солун му порачаа на Помпео да си оди и го запалија американското знаме.