November 29, 2020 00:03
Свет

Помпео в петок на одделни средби со министри на Азербејџан и на Ерменија

Ерменија и Азербејџан соопштија дека нивните министрите за надворешни работи ќе имаат одделни средби со американскиот државен секретар Мајк Помпео в петок во Вашингтон во обид да се најде трајно решение за ставање крај на конфликтот во Нагорно Карабах.

Планираната средба, непосредно пред претседателските избори во САД, покажува дека Вашингтон презема иницијатива за ставање крај на војната, која од 27 септември однесе животи на стотици луѓе.

„Политико” имал увид во агендата, и според неа прв средба со Помпео ќе има азербејџанскиот министер Џејхун Бајрамов, а нешто подоцна и неговиот ерменски колега Зохраб Мнацаканјан.

Русија досега посредуваше во разговорите меѓу двете завојувани страни околу Нагорно Карабах, но и со две примирја договорени со Москва досега нема почитувње на договореното.

Министерството за одбрана на Нагорно Карабах соопшти денеска дека се убиени уште 43 војници, односно 772 војници.

Засега не е познато дали освен одделните средби со Помпео ќе има и средба на шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан или трилатерална средба, но медиумите коментираат дека со оглед на тоа дека двете средби се закажани за ист ден, Помпео ќе се обиде да посредува во конфликтот.