January 17, 2021 22:10
Свет

Полјански: САД се обидуваат да бидат светски полицаец, што е загрижувачко

Политиката на САД на меѓународната сцена предизвикува криза во ОН и го поткопува светскиот поредок, изјави првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански.

Полјански на тркалезната маса под наслов „Светот без ОН” изјави дека кризата не се случува во ОН, туку во целиот свет.

Тој го посочи на фактот дека од основањето, ОН никогаш не опстојувале во волку зовриени околности, пренесе Тасс.

Рускиот дипломат уште кажа дека моменталнава криза навистина постои и дека тоа не се случува во ОН.

-Да бидам искрен, таа е поврзана единствено со политиката на една земја – САД, прецизира Полјански.

Полјански рече дека кризата во светот е поврзана со аспирацијата на САД насекаде да го прошират своето влијание.

-Сепак, никој не го негира фактот дека е потребна реформа на Советот за безбедност на ОН, призна првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН.

Тој додаде дека дебатата за ова прашање трае веќе 20 години и дека не може да се каже дека не е постигнат напредок во таа насока.

-Советот треба да се прошири и да ги вклучува и државите од Азија, Африка, Јужна Америка, рече Полјански, додавајќи дека тоа е процес на еволуција, а не револуција и дека не гледа ништо лошо во тоа.

Рускиот дипломат рече дека е потребно да се спроведат реформите на Генералното собрание на ОН и дека овој процес е во тек. Тој не е без тешкотии, но не станува збор за ништо критично, посочи тој.

-Само однесувањето на САД на глобалната сцена е критично, а овој тренд се интензивираше за време на мандатот на Доналд Трамп, оцени Полјански.

Тој посочи дека загрижувачки е што САД се обидуваат да бидат светски полицаец.

Обидите на САД да го прошират влијанието на своите закони надвор од границите на земјата и да воведат екстериторијални санкции се опасни, посочи рускиот дипломат.