December 7, 2021 05:01
Свет

Полскиот премиер ќе зборува во вторник пред европратениците во Стразбур за спорната одлука на полскиот Уставен суд

Полскиот премиер Матеуш Моравиецки во вторник ќе се обрати пред европратениците во врска со контроверзната одлука на полскиот Уставен суд, со која се укинува приматот на европското право, се дознава денеска од полската Влада и Европскиот парламент.

Конзервативниот лидер побара од претседателот на ЕП, Давид Сасоли, да ја „претстави позицијата на Полска” во закажаната дебата, јави портпаролот на полскиот премиер, Пјотр Милер, на Твитер.

„Премиерот ќе присуствува на пленарната седница во Стразбур на 19 октомври”, изјави портпаролот на Сасоли за француските медиуми.

Тензиите меѓу Варшава и Брисел ескалираа пред нешто помалку од една недела, по историската одлука на полскиот Уставен суд со која се утврди дека некои членови од договорот за ЕУ ​​се „некомпатибилни” со полскиот Устав.

Предизвикувањето на приматот на европското право и надлежноста на Судот на правдата на ЕУ го осудија Европската комисија, земјите-членки, како Франција и Германија, како и европратениците.

Плашејќи се од „Полегзит”, десетици илјади Полјаци излегоа на улиците да го поддржат членството на земјата во Унијата. И Моравиецки кажа дека сака неговата земја да остане во ЕУ.

Судот на правдата на ЕУ постојано ја осудува Полска за контроверзните судски реформи за кои наведува дека ја загрозуваат независноста на судиите, на што Варшава одговара дека тоа е мешање во нејзините внатрешни работи.

ЕП врши притисок врз Комисијата да го активира новиот механизам кон Варшава со кој ќе се одбие исплатата на европските средства на членовите кои не го почитуваат владеењето на правото. Варшава и Будимпешта ја оспоруваат законитоста на овој механизам пред Судот на правдата на ЕУ.