August 14, 2022 21:35
Свет

Полска доби заем од 450 милиони евра за украинските бегалци

Полска денеска потпиша договор за заем од 450 милиони евра со Банката за развој на Советот на Европа. Средствата ќе бидат наменети за справување со бранот бегалци кои ја напуштија Украина по руската инвазија.

Приближно 4,3 милиони бегалци пристигнаа во Полска откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Полска им обезбедува бесплатно сместување, социјална и медицинска нега, образование и можности за вработување.

Голем број од украинските бегалци, кои пристигнаа во Полска се преселија во други држави, некои одлучија да се вратат дома, но се проценува дека половина од нив останале во Полска.

Претходно овој месец, полскиот премиер Матеуш Моравјецки истакна дека процедурите за донесување одлуки во Европската Унија „понекогаш се премногу бавни”.

Советот на Европа е составен од 46 земји, вклучувајќи ги и земјите членки на ЕУ, и има за цел да ги заштити човековите права, демократијата и владеењето на правото.