January 30, 2023 03:28
Свет

Половина од светските демократии се во состојба на опаѓање

Половина од светските демократии се во состојба на опаѓање, при што граѓанските слободи и владеењето на правото се влошуваат, а авторитарните влади стануваат порепресивни, предупреди Институтот за демократија и изборна помош (ИДЕА) со седиште во Стокхолм.

ИДЕА во својот годишен извештај наведува дека демократските институции се поткопани од проблеми кои вклучуваат, меѓу другото, ограничување на слободата на изразување и зголемена недоверба во легитимноста на изборите. Како посебни предизвици, ИДЕА посочува неколку фактори кои придонесуваат за влошување на состојбата на демократијата во светот: руската војна во Украина, претстојната глобална рецесија, климатските промени и пандемијата на Ковид-19.

„Светот се соочува со повеќе кризи во исто време, од зголемените трошоци за живот до ризикот од нуклеарен конфликт и галопирачката климатска криза. Во исто време, сведоци сме на пад на демократските стандарди ширум светот. Тоа е токсична мешавина“, се вели во извештајот од студијата за 2022 година.

ИДЕА следи и собира податоци за состојбата на демократиите во светот од 1975 година.

Во извештајот се наведува дека никогаш не бил толку голем бројот на земји кои „повлекуваат назад“, каде што е забележана сериозна ерозија на демократијата.

Како земји со проблеми на огромна политичка поларизација, нефункционални институции и закани по граѓанските слободи, ИДЕА ги споменува Полска, Унгарија и САД.

Во Европа речиси половина од демократиите се во колапс, но се нагласува дека демократските вредности и институции се клучен штит против руската агресија, не само во Украина, туку и во земјите од регионот.

„Руската војна во Украина ја потресе Европа, принудувајќи ја да го преиспита своето безбедносно опкружување и да се бори со енергетските и прехранбените кризи“, се вели во извештајот.

Демократијата на глобално ниво, се заклучува во извештајот, е изложена на различни закани, а најгорливиот проблем е легитимноста на изборните резултати, ограничувањата на слободите и правата на Интернет, тврдоглавата корупција и растот на екстремно десничарските партии.

„Никогаш не било поитно демократиите да одговорат на овие предизвици и да им покажат на своите граѓани дека е можно да се формираат нови, иновативни општествени врски кои не не разделуваат, туку нè обединуваат“, посочуваат од ИДЕА.

Што се однесува до авторитарните режими, ИДЕА тврди дека нивниот број е двојно зголемен во последните шест години, но Африка се покажала како поотпорна на нестабилноста во светот, а Гамбија, Нигерија и Замбија забележале демократски движења.