Балкан

Полицијата го огради словенечкото Собрание во пресрет на вечерашниот антивладин протест

Словенечката полиција постави заштитна ограда околу Собранието пред вечерашните антивладини протести, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Луѓето кои протестираат уште утринава на плоштадот пред објектот на законодавниот дом напишаа „Наш имот” во знак на револт што полицијата со оградата им го ограничува движењето и собирањето пред Собранието.

Веќе еден месец, секој петок илјадници граѓани на велосипедски марш во центрот на градот го изразуваат незадоволството од работата на Владата предводена од Јанез Јанша.

Ова ќе биде четвртиот по ред ваков протест, а се започна по објавата на скандалот со набавката на заштитна опрема и респиратори потребни за болниците во екот на епидемијата со коронавирусот.

Минатиот петок, според локалните медиуми, на протестот во Љубљана присуствувале околу 10.000 граѓани. Дел од нив изјавија дека Словенија под водство на Јанша се повеќе наликува на Унгарија и дека ситуацијата со коронавирусот се користи за намалување на човековите права и слободи.