Припадниците на МВР на Република Србија продолжуваат со интензивна потрага по Матеј Периш од Сплит, чие исчезнување било пријавено на 31 декември, соопшти денеска српското МВР.
Така, во последните 48 часа, според соопштението, припадници на Полициската бригада, Полициската канцеларија за безбедност на реките и Управата за криминалистичка полиција, Полициската управа за град Белград извршиле теренски претрес на Големиот воено остров кај вливот на Сава и Дунав.
Српската полиција е максимално ангажирана, ги презема сите мерки и дејствија од нејзина надлежност и не се откажува од потрагата по Матеј Периш, се вели во соопштението на српското МВР.
Во претресот покрај припадници на полициската управа за град Белград се вклучени и припадници на Жандармеријата, а преку Интерпол се информирани и полициите на соседните држави.
Да потсетиме, веќе 27 дена трае потрагата по Матеј Периш од Сплит, кој со пријателите пристигна во Белград во последните денови од минатата година. Во последните неколку дена има многу малку нови информации за претресот, а МВР на Србија две недели не соопшти официјална информација.