April 6, 2020 04:07
Балкан

Полициските единици од Атина на Лезбос „пречекани” од локалното население со блокади и протест

Со цел да се олесни почетокот на изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, владина одлука со која не се согласува локалното население, од Атина со бродови, на Лезбос и на Хиос доцна синоќа пристигнаа камиони и булдожери, придружени од неколку полициски единици, кои со протести беа пречекани од локалното население и избија инциденти во текот на ноќта и на двата острови.

Како што јави дописничката на МИА, на Лезбос, според локалните медиуми, инцидентите кои траеле речиси два часа, започнале во два часот и 30 минути по полноќ со пристигнувањето на бродот со полицајците и багерите и камионите со кои ќе се врши изградбата на затворените центри. Жителите се обидоа да ги спречат, а полицијата употреби солзавец и шок бомби.

Слична беше ситуацијата и на островот Хиос, каде што исто така се одржа протест, но помал од оној на Лезбос, а по полноќ, тензично беше меѓу насобраните граѓани и полицијата која употреби солзавец и шок бомби.

Откако дел од медиумите објавија дека вчера напладне од атинското пристаниште со два траекти, специјални полициски единици, полициски автобуси и цистерни со вода за растерување демонстранти тргнале накај двата острови, локалното население на Лезбос се мобилизираше.

Со камиони за ѓубре поставија блокада на влезот на пристаништето, а граѓаните се собраа на протест во обид да го спречат пристигнувањето на полицајците. Кусо пред полноќ, според локалните медиуми, чукале камбаните во неколку села, за жителите масовно да излезат на протестот. Подоцна биле повикувани и со мегафони.

За сега не постои официјална потврда колку точно полицајци од Атина се пратени на Лезбос и Хиос за да се олесни почетокот на изградбата на затворените центри.

Рано утрово, од грчката полиција соопштија дека на двата острови пристигнаа камиони и булдожери за да започнат градежните работи за изградба на новите затворени центри, а биле придружени од полициски сили за да можат работата непречено да започне изградбата.

Вчера, реакција стигна и од опозициската СИРИЗА, преку портпаролот Алексис Харицис, кој рече дека „информациите дека тајно се праќаат 10 специјални полициски единици” на Хиос и на Лезбос, создаваат „голема загриженост и ја зајакнуваат тензијата”.

– Владата на Мицотакис додава масло во оган. Наместо да дава решенија, прибегнува кон тупаници и насилство, без притоа да ги даде неопходните информации за нејзините потези. Овие неприфатливи и недемократски тактики единствено што прават е да ја поткопаат демократијата. Нема да му дозволиме на господинот Мицотакис и на неговата влада да ги претворат островите во бојно поле, вели Харицис.