Македонија

Полицаец е еден од двајцата починати кумановци

Полицаец на возраст од 52 години од Куманово денеска починал, а вчера му било утврдено дека е заболен од коронавирус. Според информациите кои ги пренесе Телма полицаецот бил ангажиран на новиот граничен премин кон Косово.

Последните десетина дена не одел на работа, на 25-ти март земал слободни денови бидејќи не се чувствувал добро. Вчера откако ги добил позитивните резултати на Ковид-19, била погребана и неговата мајка за која не е познато дали била заразена.
Ова е прв полицаец кој подлегна на Ковид-19, а погребот поради состојбата најверојатно ќе се изврши без полициските почести за починат припадник на МВР.

Претходно денеска МВР информираше дека за заштита на вработените од коронавирусот се преземаат сите неопходни мерки за нивна лична заштита, со соодветна заштитна опрема, а со цел безбедно извршување на работните задачи.

Изминатиов период беше извршена  и дезинфекција во просториите и објектите каде е утврдено дека престојувале вработени лица за кои е потврдено дека се позитивни на тестот за коронавирус, а тоа ќе се прави и за секој нареден случај.Исто така, според протоколите предвидени за  вакви ситуации, од страна на епидемиолози  направени се интервјуа и на вработени кои биле во непосреден контакт со заболените и во соработка со нив се утврдува за кои лица се издаваат решенија за изолација и изјави за самоизолација. До денеска (06.04.2020) потврдени се 12 случаи на вработени во МВР позитивни на Ковид 19, 36 лица се во самоизолација, а издадени се и 14 наредби за изолација на лица, рекоа од министерството.