August 20, 2022 02:14
Свет

Пожари во Шпанија и Германија, суша во Италија

Повеќе пожари горат во Шпанија, каде што денеска температурите се малку пониски по една недела екстремни горештини, во Германија гори пожар во близина на Берлин, а Италија е тешко погодена од суша.

Спасувачките служби денеска продолжуваат да се борат со повеќе пожари долж Шпанија, додека топлотниот бран што пристигна порано од вообичаеното почнува да се намалува.

Најголемиот шумски пожар досега уништи повеќе од 25.000 хектари во масивот Сиера де ла Кулебра во регионот Кастиља и Леон, соопштија регионалните власти. Пожарот што избувна во средата принуди на евакуација 14 села или стотици луѓе. Денеска им беше дозволено да се вратат поради поповолна ситуација, соопштија локалните власти.

Неколку патишта се повторно отворени, како и железничката линија меѓу Мадрид и Галиција, која вчера беше привремено затворена.

Во другите делови на земјата горат шумски пожари во Каталонија и Навара, регион каде температурите денеска се исто така екстремно високи.

Цела недела во Шпанија беа евидентирани температури над 40 степени Целзиусови, но денеска паднаа во повеќето делови на земјата.

Во Германија, пожарот што гори во шумска област југозападно од Берлин се прошири на југ, но пожарот станува се послаб, изјави визутринава портпаролот на противпожарната бригада. – Хеликоптерот ја измери областа. Зафатени се околу 100 до 110 хектари. Пожарот се прошири на југ/југоисток, рече тој.

Загрижувачки се налетите на ветерот кои се предвидуваат за подоцна денеска.

Од друга страна, Италија е погодена од голема суша, а регионите на север бараат државата да прогласи вонредна состојба.

Министерот за земјоделство Стефано Патуанели викендов изјави дека прогласувањето вонредна состојба е „неизбежно”, пренесува италијанската новинска агенција Анса. За ова прашање регионалните лидери ќе разговараат со владата на состанокот во Рим следната недела.

Во различни делови на Медитеранот не врнеше дожд околу четири месеци. Реката По има најнизок водостој во последните 70 години.

Недостигот на вода може да влијае на послабите жетви во Пиемонт, Ломбардија и Емилија-Ромања.

На многу места, резервоарите за вода се празни, а цистерните се користат за транспорт на вода. Меѓутоа, на некои места, водата може да се користи само за пиење или за неопходни активности.

Во некои делови од земјата, приносите се намалени за половина, според проценките на земјоделската индустрија.

Зафатена е и млечната индустрија, а поради необичните горештини и недостигот на сточна храна, кравите произведуваат и до 10 отсто помалку млеко.