December 2, 2021 04:01
Балкан

Пленковиќ и Макрон потпишаа Декларација за стратешко партнерство

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Загреб потпишаа Декларација за стратешко партнерство, додека министрите за одбрана на двете држави потпишаа договор за купување 12 француски воени авиони од типот Рафали.

Постигнатиот договор е во вредност од 1,1 милијарда евра.

На заедничката прес-конференција, Макрон истакна дека Франција ги поддржува напорите на Хрватска за влез во Шенген зоната како дел од планираната Шенген реформа.

Пленковиќ нагласи дека разговорите што ги имале го означиле почетокот на нова фаза во односите помеѓу Хрватска и Франција.

Макрон денеска во Загреб изјави дека Париз сака Западен Балкан да биде простор на мир и стабилност. Според него, Франција на самитот во Софија не кажала дека е против проширувањето на ЕУ, туку дека сака да стави крај на „бирократската ситуација“, односно да го реши проблемот.

Тој изјави дека со Пленковиќ разговарал и за измените во изборното законодавство во БиХ, за проблемите во односите меѓу Бугарија и Македонија и за тензиите меѓу Белград и Приштина. Макрон рече дека Париз и Загреб ќе дејствуваат заедно за тие прашања.