November 12, 2019 11:55
Хроника

Пино погребан, на Ангела ќе и се суди наредниот петок, за Фуркан нема меѓународна потерница

Семејството, роднините и пријателите вчера за последен пат се простија од Пино Секондо на Реквиемска Миса откако беше погребан во неговата татковина Италија.

Безмалку една година откако беше убиен, најблиските ги погребаа остатоците од телото на Пино кои беа пронајдени на 29 април над селото Љуботен, по завршување на сите форензички испитувања на коските во Италија.

Шест месеци, пак, откако беше приведена, на обвинителната клупа ќе седне Ангела Ѓорѓиевска, обвинетата за соучесништво во убиството. Од Кривичниот суд за „Макфакс“ денеска потврдија дека судењето против неа ќе почне во петок на 15 ноември.

Според обвинението, Ангела на 11.12.2018 година го повикала Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и Али Фуркан, осомничен за убиството, со автомобил „Опел Аскона, носејќи со себе пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот „Шкода“ со кој дошол Пино.На совозачкото место седнала обвинетата, додека Пино седнал на задното седиште. Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан со пушката го застрелал во главата Пино, а потоа заедно со Ангела го ставиле телото во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе.

Во меѓувреме, полицијата трага по Али Фуркан, за кого се претпоставува дека се крие во земјава.

Според неофицијални информации на 24 Инфо, Фуркан во изминативе 11 месеци легално не ја напуштил државата, па затоа од МВР не е активирана меѓународна потерница, барем не е објавена на официјалната страница на министерството.

Од друга страна, голема веројатност е тој нелегално да избегал од Македонија бидејќи имал доволно време за тоа, а и на неговите профили на социјалните мрежи беше видливо дека често престојувал во Косово.

Како и да е, многу работи ќе бидат појасни откако ќе почне судењето за убиството на Пино.

 

Нови вести

Загина пешак на патот Крива Паланка-Куманово

Igor

Таткото на Боки 13 призна вина за нападот на попот, кој пак го провоцирал

Igor

Тетовец фатен со пиштол во автомобил

Igor