November 28, 2020 17:48
Македонија

Пеце Мирчевски реизбран за директор на СОЗР

Пеце Мирчевски на денешната седница на Владата е реизбран за директор на Службата за заеднички и општи работи.

На денешната владина седница беше прифатен и предлогот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Сашо Тасевски да биде именуван за директор на Бирото за јавна безбедност.

Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека од денеска почнува назначувањето на директорите на институциите кои се под надлежност на Владата.

Заев откри дека за директор на Јавното претпријатие за државни патишта ќе биде назначен Ејуп Рустеми.

– Дел од одлуките ќе бидат донесени денеска. Дел ќе бидат донесени одлуки за распишување на конкурс бидејќи има институции кои своите раководни места ги бираат на конкурс. Има и дел од одлуки со кои ќе се дадат јасни упатства на управни и надзорни одбори поставени од Владата за политичко постапување на раководни места, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по одржувањето на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања”.

Верува дека овој процес ќе биде завршен за 10-15 дена, освен за оние места каде раководните лица се избираат на конкурс.