December 7, 2021 03:50
Скопје

Петровска: Учествував во дел до студијата за гасоводот на Водно, но не застанав целосно зад неа

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Ана Петровска, по објавата на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот Гасовод на Водно, од страна на Јани Макрадули, призна дека била дел од неа, но и дека не застанала целосно зад сите мислења во Студијата.

„Ова е една Студија работена пред една деценија, не сум потпишала ништо ниту сум била консултирана за заклучоците, ниту знам кога е одобрена од Министерството за животна средина. Сум дала одредени елементи и поглавја, меѓутоа не можам да застанам да кажам дека целосно ја поддржувам. Јас не сум ја одобрила и не сум застанала зад неа“, рече Петровска за Студијата за гасоводот.

Во заклучоците од Студијата од 2011, а во чија изработка учествувала Петровска, пишува дека гасоводот на Водно нема да влијае врз квалитетот на животната средина. Петровска денеска изјави дека гасоводот не требало да помине.

„Гасоводот не требаше да помине, но тоа требало да го кажат членовите од тимот кои што биле одговорни за влијанијата врз билошката разновидност“.

На прашањето зошто не излегла во поддршка на зелените активисти кога Владата, Градот и активистите постигнаа компромис, таа кажа дека тоа би било лицемерно.

„Јас во 2018 без назначена како државен секретар, јас како дел од тогашната Зелена партија бев дел од отпорот, но надвор на улици не сум учествувала зашто бев дел од институциите и одлучив да не бидам лицемерна кон институцијата во која во тој момент сум била на функција“, рече Петровска.

Јани Макрадули кој вчера беше посочен од кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска дека тој го водел проектот за гасовод на Водно, реагираше дека е непријатно изненаден од нејзиниот коментар со кој ја префрла одговорноста на него.

Макрадули на својот фејсбук-профил ја објави Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот Гасоводот на Водно од 2011 година, каде посочува дека Петровска е еден од авторите.