January 29, 2023 13:31
Македонија

Петровска- Ларсон Џеин: Со Шведска во НАТО, евроатлантската област ќе биде посигурна и побезбедна  

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин, со која разговараше за зацврстувањето на стабилноста и безбедноста во евроатлантската област и зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата.

Министерката Петровска на средбата потенцираше дека Северна Македонија целосно го поддржува полноправното членство на Шведска во НАТО, што е потврдено и преку веќе ратификуваниот пристапен протокол за членство на оваа нордиска земја во Алијансата.

 „Собранието на Република Северна Македонија на 27 јули го ратификуваше пристапниот протокол за членство на Шведска и Финска во НАТО. Тоа е решителен чекор кој ќе ја зацврсти безбедноста на двете земји и на евроатлантската област. Со Шведска во НАТО, Алијансата е посилна, а граѓаните во земјите – членки се побезбедни”, рече министерката. 

Петровска порача дека сега е моментот двете земји да работат на интензивирање на билатералната одбранбена соработка, наскоро и како две земји – сојузнички во НАТО.

 Петровска и Ларсон Џеин се согласија дека двете држави се на иста линија во однос на поддршката на Украина и нејзиното право на самоодбрана. 

Министерката се осврна и на потребата од забрзување на евро-интегративниот процес за Северна Македонија и се заблагодари за континуираната шведска поддршка на патот на полноправно членство на Северна Македонија во Унијата.

Амбасадорката Ларсон Џеин изрази благодарност за брзата и ефикасна ратификација на пристапниот протокол и порача дека постои исклучително голем потенцијал за развој на одбранбената соработка помеѓу двете земји.