February 3, 2023 15:07
Македонија

Петровска до припадниците на Армијата кои заминуваат во НАТО мисиите во Бугарија и Романија: вие сте браникот на современите цивилизациски вредности

„Чест ми е што стојам пред вас, припадниците на македонската Армија, нашата НАТО Армија. Вие сте првите единици во борбените групи на Алијансата во Бугарија и во Романија, каде заедно со припадниците на вооружените сојузнички сили сте составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана. Знам дека одлично ќе се вклопите во заедничкиот тим во овие две земји и дека ќе бидете армиски припадници на кои секој ќе може да се потпре”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната свеченост во касарната „Илинден” во Скопје по повод испраќањето на два вода од Армијата на Република Северна Македонија во борбените групи на НАТО во Бугарија и Романија. Министерката истакна дека денешната реалност е исполнета со безбедносни предизвици, но дека НАТО е силен и одлучен во својата намера да ја заштити евроатлантската област, вклучувајќи го и нашиот регион и Северна Македонија. 

„Нашиот сојузнички одговор е јасен и гласен. Нема да дозволиме никој да ја загрози нашата безбедност и безбедноста на нашите граѓани, нашите блиски и нашите семејства. НАТО е одбранбена алијанса и не претставува закана за ниту една земја, но НАТО е подготвено и обединето во одбраната на секоја педа сојузничка територија, а тоа е факт кој можеме да го видиме и денеска на ова свечено испраќање”, истакна министерката. 

На припадниците на Армијата упатени во овие две борбени групи им упати порака да бидат горди на себе зашто се браникот на современите цивилизациски вредности и се составен дел од колективната одбрана која ни овозможува да живееме во мир и безбедност. 

„Покажете сè што знаете и умеете зашто вашиот професионализам е видлив, а вашата мотивација висока. Помогнете во колективните напори за зацврстување на безбедноста на НАТО и вратете се дома кај своите семејства. Ве очекуваме со уште поголемо искуство и посилен мотив да продолжите секојдневно да работите за просперитетот на својата нација”, порача Петровска. 

Борбени групи во Бугарија и Романија се дел зголемените активности за будност на НАТО (NATO enhanced vigilance activities – NATO eVA), со цел засилување на источните граници на НАТО и се дел од четирите мултинационални борбени групи, формирани по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.