August 13, 2022 16:52
Свет

Песков: Двајцата заробени Американци треба да одговараат за злосторствата што ги извршија

 Двајца Американци, кои Русите ги заробија во Украина, ги „загрозуваа” руските војници и би требало да бидат „одговорни за тие злосторства”, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во интервју за Ен-би-си њуз. Кремљ за првпат ги коментираше случаите на Александер Друке и Енди Хујнх, американски воени ветерани, наведува Ен-би-си. – Тие се платеници и беа вклучени во нелегални активности на територијата на Украина. Учествуваа при пукање и гранатирање на нашиот воен персонал. Ги загрозија нивните животи. Би требало да одговараат за тие злосторства што ги извршија. Тие злосторства мора да се истражат, смета Песков. На прашањето какви злосторства извршиле, Песков признал дека нивните конкретни дела сè уште не се познати. Но, според неговите зборови, нема да бидат опфатени со Женевските конвенции за постапување со воени заробеници. – Тие не се во украинската војска, па не подлежат на Женевските конвенции, одговори Песков. Не е појаснето точно како се заробени Американците. Песков истакна само дека ги држат „властите”.

Околу тоа дали ќе им се изрече смртна казна, Песков смета дека тоа „зависи од истрагата”.

Претседателот на САД, Џо Бајден, во петокот изјави дека не знае каде се наоѓаат Друке и Хујнх, за кои се верува дека им се придружиле на други странци во борбата.

Портпаролот на американскиот Стејт Департмент во саботата потврди за видени фотографии и видеозаписи од двајца американски државјани, кои, „наводно се заробени од руските воени сили во Украина”.

Кога станува збор за ВНБА суперѕвездата Бритни Гринер, која се наоѓа во руски истражен затвор поради обвинение за дрога, Песков ги отфрли тврдењата за нејзино држење во заложништво.

– Не можеме да ја наречеме заложничка. Зошто би ја нарекле заложничка? Таа го прекрши рускиот закон и сега се гони, нагласи портпаролот на Кремљ.

Гринер беше приведена во февруари под обвинение дека во багажот носела патрони со масло од канабис. Таа може да добие затворска казна од 10 години.

Случајот на 31-годишната Гринер, Вашингтон го предаде на специјалниот претставник на САД задолжен за заложници.