December 9, 2018 20:47
Хроника

Перуанец фатен во Скопје со куфер полн облека натопена во кокаин

Полицијата уапсила тројца странци осомничени за шверц на кокаин, кој натопен во облека се обиделе да го прошверцуваат за Црна Гора, информираше МВР.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со канцеларијата на ДЕА во Атина (служба за борба против дрога на САД), како и со службите за борба против дрога на Црна Гора и Косово приведе три лица поради недозволена трговија со кокаин. До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против М.Ѓ.(61) и А.Ѓ.(24), двајцата од Црна Гора, како и против Ј.Ц.А.Г.(48) од Перу поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, велат од МВР.

Според полицијата, двајцата Црногорци во текот на ноември годинава М.Ѓ. и А.Ѓ. од лице од Перу набавиле наркотична дрога кокаин за понатамошна продажба. После тоа бил ангажиран Ј.Ц.А.Г. да го пренесе кокаинот од Перу до Македонија, а потоа преку Косово до Црна Гора. Кокаинот бил подготвен така што со соодветен процес од прашкаста преминал во течна форма. Потоа различни парчиња облека биле потопени во кокаинот и потоа сместени во куфер, кој му бил даден на Ј.Ц.А.Г. да го донесе во Македонија.

– На 30.11.2018 година Ј.Ц.А.Г. пристигнал во Скопје преку аеродромот Скопје и по преземени мерки од полициските службеници бил лишен од слобода. Поради сомнение дека алиштата кои се пронајдени во куферот содржат наркотична дрога кокаин, биле одземени, а исто така одземени се и пари, мобилен телефон и други предмети. Истиот ден од слобода се лишени и М.Ѓ. и А.Ѓ.. Кај нив, исто така, биле пронајдени и одземени пари, мобилни телефони и други предмети, велат од МВР.

По извршеното вештачење, на облеката било детектирано присуство на кокаин, а по дополнителен процес на екстракција ќе биде утврдена количината на кокаинот. Судија на претходна постапка на тројцата приведени им одреди мерка притвор во траење од 30 денови.

 

 

 

Related posts

Притвор за двајца учесници во вооружената престрелка во Куманово

24news

Уапсен криминалец кој се барал на скопскиот аеродром

24news

Стечаен управник на кумановска фирма доби кривична пријава

Valentina