February 2, 2023 02:05
Македонија

Пенов и Касами ќе потпишат договор за проект за заживување на занаетите

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов денеска ќе одржи средба со градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, а целта е потпишувањe договор за кофинансирање на проектот на ИПА Прекугранична програма со Косово 2014-2020 – „Заживување на занаетите и градење култура за заеднички туристички развој”.

Во рамки на проектот e предвидена инвестиција од над 300 илјади евра за улицата „Радован Цониќ” во Тетово, со должина од преку 444 метри и просечна широчина од шест метри. Улицата ќе биде реновирана и редизајнирана да одговара на потребите на локалните занаетчии за да се подобри нивната промоција и пристапот до нивните производи.

Предвидена е и тренинг програма за занаетчии и туристички и угостителски бизниси дополнета со индивидуални менторски средби за учесниците, а ќе се организира и заедничка работилница за тур-оператори и занаетчии со цел креирање нова туристичка понуда базирана на локалните и традиционални занаети, како работилници за изработка на традиционални печива и слатки, за изработка на накит и традиционална облека, за везење и други традиционални вештини. Новата понуда ќе биде вклучена и во понудите на туристичките агенции од прекуграничниот регион.

-Овој прекуграничен проект финансиран од ЕУ го спроведува конзорциум составен од Општина Призрен – Република Косово, Општина Тетово – Република Северна Македонија, CEED Македонија и CEED Косово, поддржан преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија, информираат од Министерството за локална самоуправа.

Средбата на Пенов и Касами ќе се одржи во просториите на Општина Тетово.