February 3, 2023 20:37
Македонија

Пенов: Данокот на имот е еден од најважните извори на приход за финансирање на општините

Приоритет е да се зајакнат капацитетите на општините за подобро управување со јавните финансии, за наплата на локалните даноци и такси, како и за транспарентно и отчетно работење. Овие прашања се нотирани од  Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и во извештаите на Европската комисија, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на вториор годишен Форум за локална самоуправа „Партнерство за одржливи локални самоуправи” поддржан од УСАИД.
– Поддршката на УСАИД во градењето на капацитетите на општините трае од почетокот на децентрализација до сега. На почетокот, приоритет беше евидентирањето на наследените долгови на општините и предлагање на мерки за намалување на долгот, рече Пенов.
Тој објасни дека градоначалниците имаат проблем со ажурирањето на базите на податоци за наплата на данокот на имот, за што беше побарана помош и од централната власт.
– Данокот на имот е еден од најважните извори на приход за финансирање на изворните надлежности на општините, тие што не се финансирани со блок дотации од централниот Буџет и затоа локалните власти да  вложат поголем напор. Но потребно е да се најде институционално, системско решение, заедно со другите надлежни институции, додаде Пенов.
Како што рече Пенов, финансиската стабилност на општините е најважна за да можат да ги извршуваат функциите и да испорачуваат услуги.
Исто така со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се формира и посебен фонд за перформанси, преку кој  ќе бидат наградени општините кои што ќе покажат подобри резултати.
– Според последното мерење на перцепцијата на граѓаните, што го направи Министерството, има раст во генералното задоволство од 2.97  на 3.2%. Граѓаните се најмалку задоволни од локалниот економски развој, социјалната заштита, заштитата на животната средина, транспарентноста и урбанистичкото планирање, дополни тој.
УСАИД дава постојана поддршката на Министерството за локална самоуправа, за подобрување на транспарентноста на општините. Исто така и за подобрување на перформансите на Бирото и на Министерството за обезбедување на дополнителни извори за финансирање на проекти за локален и за регионален развој.