September 26, 2022 01:04
Македонија

Пензионерски синдикат при КСС: Државата да го почне социјалниот дијалог

Пензионерскиот синдикат на Македонија при Конфедерацијата на слободни синдикати денеска преку соопштение на сите пензионери го честита Денот на пензионерите – 20 Септември.

-Баравме да се смени членот 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тој беше сменет, но со задоцнување од неколку години. Она што исто така го бара ПСМ е пензијата да биде 60 отсто во однос на просечната плата. Моменталната просечна пензија е 16,300, доколку пензиите се усогласија согласно моменталната просечна плата, просечната пензија сега ќе изнесуваше 19,600 денари, стои во соопштението.

Според Пензионерскиот синдикат на Македонија, „моменталната ситуација е така поставена што пензионерите ги прави да бидат лица од ранлива категорија на граѓани и се принудени да врзуваат крај со крај за да го преживеат месецот”.

-Македонија се прокламира како социјална држава, па поради тоа на државата ѝ е обврска да се грижи за своите граѓани, во овој случај, пензионерите. Потребно е и државата да го започне социјалниот дијалог со Пензионерскиот синдикат на Македонија за да можеме заеднички да даваме и наоѓаме решенија за подобрување на животот на пензионерите коишто долги години придонесувале за државата како работници, се наведува во соопштението од Пензионерскиот синдикат на Македонија.