January 16, 2021 20:13
Македонија

Пендаровски со медицинскиот тим упатен во мисијата „Одлучна поддршка” во Авганистан

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со шестчлениот медицински тим од јавното и военото здравство којшто ќе биде упатен во мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан, од март до септември годинава и ќе работи во рамки на норвешката болница во Кабул.

Тимот од тројца доктори-специјалисти и три медицински сестри утре заминува во Норвешка, на тримесечна обука заедно со норвешките колеги кои ќе бидат дел од истата ротација во Кабул. Оттаму, во март тие ќе заминат во Авганистан, како дел од мисијата. Петмина од нив се од јавното здравство, а една е медицинска сестра од Баталјонот за медицинска поддршка на Армијата.

Претседателот Пендаровски на средбата им посака успех во мисијата и изрази уверување дека нејзината реализација е значаен чекор кон формирањето на хируршки тим којшто ќе биде на располагање на НАТО, обврска којашто Република Северна Македонија како членка на Алијансата треба да ја исполни до 2028 година.

„Со реалицијата на оваа мисија, Република Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност и подготвеност да придонесе за зајакнување на мирот и стабилноста и да одговори на поставените барања и задачи, овој пат како рамноправна членка на НАТО“, рече претседателот Пендаровски.

Тој изрази и очекување дека стекнатите вештини и искуство за време на мисијата ќе придонесат и за развој на здравството во нашата држава.