January 16, 2021 00:31
Македонија

Пендаровски на сесија на ОН: Пандемијата бара системски одговор, заедно да работиме на издржливи здравствени системи

Претседателот Стево Пендаровски, вчеравечер по средноевропско време, се обрати на специјалната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на Ковид-19. Претседателот Пендаровски се заблагодари на Обединетите нации и Светската здравствена организација за лидерството во координирањето на напорите на глобално ниво за контрола и спречување на ширењето на КОВИД-19, како и на сите земји и организации кои ни дадоа поддршка со медицинска опрема и материјали, како и споделување на знаење и искуство. „Пандемијата како системска закана бара системски одговор”, порача претседателот и додаде дека „треба заедно да продолжиме да работиме во создавањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни здравствени системи кои им служат на граѓаните.”  

На сесијата што се одржува во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации земаа учество над 150 шефови на држави, влади и министри. Во продолжение го проследуваме интегралниот говор на претседателот Пендаровски на македонски јазик, а во прилог на албански и на англиски јазик. Од линкот во продолжение можете да го преземете видео-обраќањето https://youtu.be/SCUVu848E_E

 Дами и господа, ваши екселенции,

Пандемијата на КОВИД-19 и натаму претставува најголем ризик за човештвото. Голем број семејства изгубија свои членови, а многу заедници се сериозно погодени. Оваа здравствена криза ги зафати и другите сектори на нашите општества, а економиите претрпеа особено тешки загуби.

Со својата здравствена, економска, социјална, хуманитарна и безбедносна димензија, пандемијата е голем тест за нашите земји на начин со каков досега се немавме соочено и нè потсети колку сме меѓусебно поврзани. Со страдањата што ги предизвикува, пандемијата ги разоткри системските слабости и нееднаквости во нашиот свет. Во Северна Македонија, коронавирусот го зема својот данок во човечки животи, изврши притисок врз здравствениот сектор и ја ослабе економијата. Со цел да се олесни тешкиот товар кој го носат нашите здравствени работници, Владата неодамна прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија за период од 30 дена. На овој начин ќе се помогне да се искористат капацитетите на Армијата и ресурсите на приватниот здравствен сектор со цел поефикасно да се контролира ширењето на вирусот и да се спасат што е можно повеќе човечки животи. Оваа голема опасност исто така претставуваше и можност за нашите земји и народи да демонстрираат единство, солидарност и мултилатерална соработка. Во име на македонските граѓани, би сакал да им се заблагодарам на Обединетите нации и Светската здравствена организација за нивното лидерство во координирањето на глобалните напори за контрола и спречување на ширењето на КОВИД-19. Исто така, благодарни сме на сите земји и организации кои нè поддржаа со медицинска опрема, материјали и споделено знаење и искуство.Пандемијата претставува и морален предизвик. Економијата може да страда, но животите на луѓето се бесценети, па затоа спасувањето човечки животи треба да има предност пред сè друго. Во исто време, нашите напори за контрола на ширењето на вирусот не смеат да бидат на штета на основните права и слободи. Ова подразбира здравствена заштита и економски стимул што треба да им се обезбеди на сите кои имаат потреба. Борејќи се против корона вирусот, мора да осигураме дека не толерираме ширење на вируси на расизам, екстремизам, дискриминација и ксенофобија.

Системска закана како пандемија бара системски одговор кој вклучува непосредни и долгорочни активности. Треба да продолжиме да работиме заедно во развивањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни, здравствени системи кои им служат на граѓаните. Здравствените производи со сертифициран квалитет треба да бидат достапни за сите. Се разбира, голем чекор во вистинска насока беше воспоставувањето на глобалната програма COVAX за набавка на вакцини, која треба да овозможи лесен и балансиран пристап до вакцините на сите луѓе во светот.

Драги пријатели,

Дозволете ми, на крајот да нагласам дека многу предизвици ќе останат дури и во пост-КОВИД периодот. Патот до социјално-економско, па дури и ментално закрепнување за многумина од нас ќе биде долг и сложен. Но, нема друга алтернатива. Човештвото треба со заеднички сили да работи на обновата на светот во кој ниту еден човек нема да биде изоставен.