August 19, 2019 23:58
Македонија

Пендаровски за РТК: Идеите за промени на границите водат кон конфликти во регионот

Новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски изјави дека му претставува задоволство тоа што наскоро ќе ја има можноста да биде прв претседател на неговата држава кој ќе го посети Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пендаровски во синоќешното интервју за косовскиот јавен радиодифузер, РТК, нагласи дека, како нов претседател на Северна Македонија, лично ќе се заложи за натамошен развој на односите со Косово, во интерес на граѓаните на двете земји.

– Драго ми е што ќе бидам првиот претседател на Северна Македонија кој ќе има можност да го посети Косово. Рецепт за успех во евроинтеграциите е соработката, во прв ред со соседните земји, изјави Пендаровски, најавувајќи дека лично ќе се заложи Северна Македонија да има одлични односи со Косово, како и со Албанија.

Македонскиот претседател категорично се спротивстави на можноста за промени на границите како решение за регионалните спорови, нагласувајќи дека таквите решенија поттикнуваат конфликти.

Прашан како ги коментира заложбите на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ за корекции на границите како решение за споровите меѓу двете држави, Пендаровски рече дека тоа е најлошата идеја што ја чул до сега.

– Полоша идеја од оваа не сум слушнал. Сите знаеме дека промената на границите, каде и да се случи, е рецепт за конфликт. Да можеше оваа работа така да се реши на маса, до сега ќе беше решена. Но, оваа идеја, според информациите кои ги имам, нема подрршка ниту кај одлучувачките фактори во Европа и во САД. Јас со двете раце го поддржувам ставот на Европската унија која се залага за решение кое ќе го постигнат Белград и Приштина и кое нема да го дестабилизира регионот, туку ќе придонесе за негова стабилност, изјави Пендаровски.

Тој вети дека ќе се ангажира и за што побрза изградба на делот од автопатот Приштина – Скопје на македонската страна, и изрази жалење што Македонија доцни со заокружување на овој проект на својата страна од границата.

– Треба да го завршиме што побргу нашиот дел од автопатот. Со жалење морам да кажам дека работата на нашата страна прилично доцни споредено со тоа што го направија косовските власти, изјави Пендаровски за РТК.

Нови вести

Јанева и во Шпигел: Хероината на револуцијата под сомневање за корупција

Igor

Темелковски: КФМ не ги разбира советите, па се вплетка во валкани игри

Igor

Боки 13 одлично „се држи“ во притвор и ги следи сите вести за него

24news