January 18, 2021 08:42
Македонија

Пендаровски до Заев: Не сум толку неискусен политичар, но внимавам што зборувам

Откако во вчерашното  интервју на премиерот Зоран Заев за богрска БГНЕС, тој го оквалификува Претседателот на РСМ Стево Пендаровски како „не толку искусен политичар“, одговор стаса и од претседателот.

-Моето 20-годишно искуство во меѓународната политика ми овозможува прецизно да ги мерам зборовите и ставовите кои ги искажувам кога разговарам со моите бугарски соговорници и со нашите пријатели од меѓународната заедница, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервјуто за Дојче веле кое интегрално ќе биде објавено утре.

Во делот на интервјуто кој овој медиум го објави денеска се дава и негова оценка за ставоите на премиерот Заев изнесени во вчерашното интервју за бугарската агенција Бгнес. Врзано за Прендаровски, во еден од одговорите Заев рече и тоа дека Пендаровски „не е толку искусен политичар како Заев“, како и тоа дека е пријател на Бугарија и голем поддржувач на договорот помеѓу Македонија и Бугарија.

-Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ – да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна. Во првиот дел, нашата јавност знае дека јас сум првиот македонски политичар во историјата кој јавно понуди поширок политички дискурс во однос на еден од најголемите апостоли на македонското револуционерно движење. Меѓутоа, не отидов понатаму, затоа што тоа е работа на Комисијата составена од историчари, најмалку работа на политичарите, рече Пендаровски за Дојче веле.

Тој додаде дека премиерот Заев во многу наврати разговарале на оваа тема и никогаш немале спор дека некои личности и настани можат да бидат чествувани и од двете страни, но, дека македонскиот народ има своја засебна историја, како што бугарскиот народ има своја.