December 1, 2022 18:49
Македонија

Пендаровски во посета на Прилеп во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот”

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети општина Прилеп во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот”.

За време на престојот, како што соопшти негоивот Кабинет, Пендаровски го посети средното општинско училиште „Орде Чопела”, каде што беше запознаен со инклузивните образовни методи, со тековните проекти и иновативни решенија на тимовите од различни стручни области.

Учениците го презентираа системот за собирање дождовница за наводнување на училишниот мини овоштарник, проект со кој училиштето на натпревар во Струга, беше еден од добитниците на финансиски средства за социјални иновации во делот на климатските промени и заштитата на животната средина. Претседателот Пендаровски ги посети и ветеринарната амбуланта, училишната лабораторија каде што беше извршена контрола на квалитетот на дождовницата и пекарата во која младите пекари користат и продукти произведени во училиштето, манифестирајќи го мултидисциплинарниот пристап во реализацијата на проектите.

Претседателот Пендаровски упати честитки до наставниот и стручен кадар во училиштето што го препознава потенцијалот на учениците, континуирано поттикнувајќи ја нивната креативност. Во таа насока изрази задоволство и од посветеноста и високата мотивираност на учениците за стекнување нови знаења во стручните области.

Во рамки на проектот „Лице в лице”, претседателот беше во посета на библиотеката и научната лабораторија во рамки на Јавната научна установа Институт за старословенска култура – Прилеп,  каде што му беа презентирани дел од тековните научноистражувачки проекти и изданијата од богатиот книжевен фонд, меѓу кои и ретката збирка на старопечатени книги кои датираат и од 15 век.

-Претседателот беше информиран и за предизвиците со коишто се соочува Институтот во неговото функционирање. Во таа насока беше нагласена потребата од унапредување на научноистражувачката работа преку набавување на техничка опрема, како и неопходноста од остварување на соработка со поголем број научни, стручни и високообразовни институции во странство. Претседателот Пендаровски изрази задоволство од високиот професионализам во научноистражувачката дејност на Институтот, нагласувајќи ја неговата поддршка на научните проекти и активности кои имаат важен придонес во севкупните општествено-политички и образовни процеси, наведува Кабинетот.

Во Прилеп претседателот Пендаровски го разгледа и Музејот за тутун во рамки на Националната установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп. За време на посетата му беше презентирана импресивната колекција експонати, посветена на сите аспекти од историјатот на тутунската индустрија, која го вбројува нашиот музеј меѓу најзначајните во светот.

Нагласувајќи ја важноста на музејот во афирмацијата на нашата богата култура и традиција, претседателот Пендаровски изрази задоволство од ентузијазмот на сите ангажирани во собирањето и зачувувањето на овие раритети со непроценлива вредност во светски рамки.